Global Day of Coderetreat во Хаклаб 2.0 (03.12.2011, 10 - 17 часот)

Ако има заинтересирани фирми што сакаат да го спонзорираат настанов нека ја прочитаат статијава до крај. Листата на спонзори за овој настан е затворена, видете кои се спонзори на крајот од статијава. Ако сте задоцниле и сакате да спонзорирате, можете да направите донација директно на Хаклаб-от.

Што е Coderetreat?

Coderetreat е едно-дневен настан на интензивно вежбање развој и дизајн на софтвер. Се прават pair-programming сесии од по 45 минути во кои двајца програмери заедно работат на решавање на одреден проблем. Потоа се брише кодот, се прави кратка пауза и ретроспектива, се ротираат паровите и се почнува од ново. Поентата е преку вежбање на основни принципи на објектно-ориентиран дизајн во различни програмски јазици да се разменат искуства и начини на размислување без било каков притисок дека нешто "мора да се сработи".

Резултат: ефективно подобрување на вештините кај секој што учествува.

Настанот е од глобален карактер и ќе се случува во преку 90тина градови во целиот свет (може ќе имаме комуникација во живо со останати градови или нешто слично). Влезот е слободен и може да се пријави кој сака. Потребно е да дојдете со ваш лаптоп и инсталирани програмски јазици во кои работите за да не се губи време на тоа. За настанот треба да се регистрирате за да планираме колку луѓе ќе дојдат. Mислам дека капацитетот на Хаклабот е 12 луѓе во една просторија, но секако ќе се снајдеме со другите простории ако се пријават повеќе луѓе.

Настанот ќе се случува во Сабота (03.12.2011) од 10.00 - 17.15 часот во Скопје Хаклаб 2.0. Потребно е сите пријавени да дојдат на време. Програмата ќе биде следна:

  • 10.00 - 10:30 - Вовед
  • 10:30 - 11:15 - Сесија 1
  • 11:15 - 11:30 - Ретроспектива 1
  • 11:30 - 12:15 - Сесија 2
  • 12:15 - 12:30 - Ретроспектива 2
  • 12:30 - 13:00 - Ручек (пица или слично)
  • 13:00 - 13:45 - Сесија 3
  • 13:45 - 14:00 - Ретроспектива 3
  • 14:00 - 14:45 - Сесија 4
  • 14:45 - 15:00 - Ретроспектива 4
  • 15:00 - 15:45 - Сесија 5
  • 15:45 - 16:00 - Ретроспектива 5
  • 16:00 - 16:45 - Сесија 6
  • 16:00 - 17:15 - Завршна Ретроспектива
  • 17:15 - xx:xx - Drunkup

Проблемот кој ќе се решава во сите сесии е Conway's Game of Life но секоја сесија е различна бидејќи фокусот е на учење и испробување различни работи како на пример:

  • The 4 rules of simple design
  • TDD as if you meant it
  • Ping-pong pair programming
  • SOLID design principles
  • Tell don't ask
  • Timeboxing
  • Користење лоша навика: програмирање со мануелно или без никакво тестирање
  • Замена на код: програмирате со наследен код од друг програмер
  • "Missing tool" предизвик:
  • програмирање без маус
  • програмирање без користење примитиви (основи типови)
  • програмирање без користење услови
  • програмирање без користење податочни структури, користење само на објекти
  • програмирање со забрана на подолги методи од 4 линии
  • глаголи наместо именки (фокус на однесување, наместо на состојба)
  • забрана за менување на постоечки код, додавање само на нов

Целта не е да се испрограмира играта, туку да се фокусира на пишување перфектен код и преку вежбање да се разменат и научат нови идеи.

Би било добро да се пријават 1 или 2 фирми ако се заинтересирани да бидат спонзори на настанот. Потребно е само да обезбедат храна за што претпоставувам околу 50 евра би биле доволни. За возврат (како и сите локални спонзори на настанот во други градови) ќе добијат вртење на нивно лого пред најавата и во паузите од сесиите во кои ќе бидат прикажани и глобалните спонзори на настанот. Кога сме кај глобалните спонзори, ќе има некои награди од нив, но сеуште немам информација на кој начин ќе бидат доделени.

Спонзори на настанот се: Ever Near, Atomidata и Siyelo.






Програмски јазици: Машинско учење во Ruby (01.12.2011, 19 час)

Првата епизода на "Програмски јазици" во Хаклаб 2.0 ја отвараме со ruby.mk состанок во стандардниот термин: Четврток, 19-21 часот. Ова е прв ruby состанок по пауза од неколку месеци, последниот беше во рамките на "Едно лето" проектот кон крајот на летото.

Ќе презентираме прототип апликација "агрегатор на новости" кој работи со неколку странски медиуми. Целта на презентацијата е вовед во основните концепти на машинско учење од кои може да произлезат разни идеи за правење интересни апликации. Во прототип имплементацијата (кодот може да го видите тука) ќе разгледаме неколку компоненти:

  • поставување тренинг податоци
  • собирање новости од неколку медиуми
  • парсирање на RSS/HTML текстови
  • класификација со статистичка метода
  • креирање кластер со статистичка метода

Алатки преку кои ќе бидат разгледани концептите:

  • Програмски јазик: Ruby 1.9.2
  • Стандардни библиотеки: open-uri, net/http, rss (rss/2.0), json
  • Други библиотеки: Sintara, Redis, Haml, Sass, Nokogiri
  • База на податоци: Redis

Цел на презентацијата:
  • агрегатор на новости како концепт и реализација
  • краток вовед во користените алатки со акцент на Redis и во какви сценарија може да се користи
  • дискусија на други алгоритми за класификација и кластерификација на текстови (Bayes, Latent Semantic Analysis, K-means
  • дискусија на архитектура за поголеми апликациии од овој тип (couchdb/mongodb, парсирање и анализа на македонски текстови)
  • разгледување идеи за апликации од овој вид во Македонија


Кликнете тука за поголема мапа.

GNU/Linux прва помош во новиот Хаклаб

Овој понеделник (28.11.2011) од 19h почнуваме повторно со редовната активност GNU/Linux Прва помош каде секој во Македонија што има некаков проблем со GNU/Linux на својот компјутер доаѓа во Хаклаб за да пробаме заеднички да го решиме и да научиме нешто ново.

Споредни активности:
- Ќе правиме Occupy „GNU/Linux Прва помош“ бидејќи ќе му инсталираме OpenIndiana на Rapture (to be file server компјутер во хаклабот)
- Random. (Софтверот за LED коцката е во изработка, Бесконечното огледало не е закачено на ѕид, CNC машината е во изработка, итн итн...)



Кликнете тука за поголема мапа

Сподели Знаење 26.11.2011

Си продолжуваме со редовните термини во Хаклабот. Оваа сабота на гости ќе ни е Лука од Албанија со кој ја изработуваме CNC машината, така да воглавно ќе се работи хардвер.

Се разбира дека останатите 2 соби ќе се слободни па паралелно ќе се хакира и нешто друго :)

Присуството е пожелно, почнуваме од 13 часот.

Хаклаб 2.0 официјално отварање

„Скопје го доби првиот хаклаб!“ беше насловот објавен во Нова Македонија и на IT.com.mk некаде пред околу 2 години. Идејата иницирана од членовите на 2с.мк и луѓе од пошироката заедница во Македонија беше да се создаде слободна технолшка зона, отворен простор каде што ќе може да дојде секој и да учествува во разни проекти поврзани со програмирање, мрежи, систем администрација, слободен софтвер и слободна култура и сл.

Од тогаш се случија многу работи, научивме многу, многу нови луѓе и се приклучија на локалната заедница и почнаа да придонесуваат со правење на многу кул ствари и она што можеби е најбитно од се за иднината, најдовме нов и поголем простор со подобри услови каде што ќе можеме да продолжиме да работиме на сето она што го правевме во последните 2 години.

На 24ти ноември во 18:30ч организираме собир (мини-журче) на кој што се поканети сите заинтересирани. Поводот е отворањето на новиот скопски хаклаб. Принципот е „bring and share your own booze“. Ние ќе се погрижиме за греењето и музиката. :)

Локација:

Кликнете тука за поголема мапа

Добра прилика за сите заинтересирани кои што досега не ја посетиле КИКА да видат каде е местото, на кои активности работиме и секако можност да се видиме и да се запознаеме подобро, да се дружиме и да соработуваме во иднина.

Се гледаме во четврток!

ЈМП епизода #7: Драконски закони

Утре (20.11.2011 14ч), тема на новата епизода на ЈМП ќе биде Stop Online Piracy Act контроверзата. Обидите да се истуркаат строги закони во САД а кои никако не им помагаат на крајните корисници мобилизираше значајни актери (организации и компании) да се побунат.

На оваа тема ќе зборуваат Новица, Дамјан и Миша.


Музиката е спонзорирана од Jamendo.
http://www.jamendo.com/en/artist/Emerald_Park
http://www.jamendo.com/en/artist/Tobias_Borelius


Podcast-от од емисијата достапен на: http://podcast.spodeli.org/

СподелиЗнаење - 19.11.2011

Прво Сподели знаење во новиот хаклаб (новата локација е на мапата подолу):


Кликнете тука за поголема мапа

Се уште немаме редовна интернет врска, но веројатно ќе донесеме неколку WiMax антени + телефоните со 3G па ќе преживееме 1 ден за сурфање. :)

Update 18.11.11: Од денес имаме и интернет! :)

Ќе правиме file/storage сервер базиран на FreeNAS, Debian KFreeBSD или некоја слободна верзија на Solaris, клучниот збор е ZFS.

Треба да се доуреди просторот, да се постават кабли, мрежа и канали, да се набави нова иверка за масите во просторијата за random хакирање - TODO листата е голема...

Треба да се договориме и околу името и да го дефинираме распоредот, куќните правила и потоа да продолжиме да работиме на редовните активности.

Се на се мислам дека ќе биде доста забавно. Се гледаме во сабота во 13ч!

Поставување инфраструктура во новиот, подобрен и проширен Хаклаб

Вечерва по 17:30h на новата локација на Хаклабот ќе се поставува инфраструктурата во Хаклабот.

Добредојдено е цело Скопје.

Песната стопан нема бр. 5: Живот + 70

Изданието број пет на емисијата што секоја недела ја зборуваме на канал 103 овој пат ќе биде на тема преработка на литературни дела.


На вообичаената екипа ќе ѝ се придружи Румена Бужаровска. Со неа ќе зборуваме за авторските права и креативното поигрување со класиците.

Музиката ќе ја снабди Jamendo.

Музика што ја пуштавме:

http://www.jamendo.com/en/album/98470
amelie/02 - bad.mp3
amelie/01 - so practical.mp3
amelie/03 - oh dirty joke.mp3




http://www.jamendo.com/en/album/96921
kursed/02 - Abort me.mp3
kursed/03 - Generation.mp3
kursed/04 - Winner.mp3

http://www.jamendo.com/en/album/99318
lotsofstuff/04 - Ballad For A Lively Girl.mp3
lotsofstuff/06 - Worldwide Waste.mp3
lotsofstuff/07 - Sinusoidal Thoughts.mp3

http://www.jamendo.com/en/album/99372
theopenandbleeds/05 - Cut Me a Live One.mp3
theopenandbleeds/07 - Lets Go Back to Modernism.mp3
theopenandbleeds/08 - What John Said.mp3

Дисперзирано сподели знаење оваа сабота

Иако наоѓањате на нов хаклаб оди некако полека (но сепак има надеж), тоа не значи крај за споделувањето знаење. Оваа сабота (05 ноември) од 14:00 до 18:00 ќе го окупираме кафулето Пиколо во Лептокарија.

Од најавени теми има дискусија за престојните активности, новите можности за место за хаклаб и нормалното чепкање низ Linux и слично хакирање.

Колку се сеќавам барем еден Linux ќе треба да се репартиционира, што ќе вклучува и правење rescue CD или USB, или пак бутирање од мрежа… ќе смислиме нешто да не биде досадно :)

Плус, вафли и палачинки се секогаш опција.