30 години од проектот GNU

Има една стара приказна што често ја раскажувавме на сите предавања за слободен софтвер што ги одржувавме по конференциите и универзитетите:

Windows XP (приказната беше за тој оперативен систем, затоа што тој беше актуелен и доволно истражен во тоа време) комуницира со Microsoft, т.е. „ѕвони дома“. Но, што тој праќа дома остана(ло) тајна: можеби тоа се податоци за последната безбедносна надградба, но можеби се и Вашите приватни податоци. Затоа, приказната заклучува, користете слободен софтвер, бидејќи тоа е единствениот начин да бидете сигурни дека Вашите податоци остануваат Ваши.

Денес навистина оваа приказна звучи застарено. Откритијата на Едвард Сноуден од изминатава 2013 година кажуваат дека големите софтверски и интернет компании долго време соработуваат со безбедносните служби на САД и со тоа ги уништуваат макар и далечните желби за приватност. А хакерите од германскиот Хаос компјутерски клуб за неколку дена ги разоткрија ранливостите на новите производи на Apple, кои што за да додадат на иронијата, промовираат читач на отпечатоци на прсти за кој не може да се знае дали тие податоци некаде ги складира или ги препраќа.



Оттука не треба да го примиме со изненадување насловот на последната колумна на Ричард М. Столман, основачот на проектот GNU и Фондацијата за слободен софтвер, објавен во Wired пред неколку дена: „Зошто слободниот софтвер е поважен од било кога“. Неговите говори и текстови изминативе 30 години се прецизни и речиси неверојатно предвидувачки. Во последниот текст Столман зборува за проблемите на неслободниот софтвер и „софтвер како софтверска замена“ (последното е превод на маркетиншкиот говор „софтвер како услуга“). Неговиот есеј за електронските книги („Право да читаш“) го отсликува однесувањето на Amazon.com, најголемиот продавач на книги во светот, кој од Kindle уредите масовно бришеше книги како „1984“ на Џорџ Орвел иако читателите легално ја купиле таа книга преку сервисот за продажба на Amazon. Текстот пак за слободниот софтвер и образованието јасно ги исцртува проблемите со училишните програми што по секоја цена инсистираат на користење на определени алатки за воопштени компјутерски активности.

Најчестото објаснување за слободниот софтвер, што се има одомаќинето и во нашиот јазик, е тоа дека слобоодниот софтвер е прашање на слобода, а не на цена. Тој на корисниците им дава четири слободи:

0. Да го користат софтверот за било која намена;
1. Слобода да го проучуваат изворниот код на софтверот и да го прилагодуваат со цел да им служи онака како што сакаат;
2. Слобода да прават и дистрибуираат еднакви копии, ако тоа го сакаат.
3. Слобода да прават и дистрибуираат променети копии од софверот.

Овие слободи гарантираат дека контролата над работата со компјутерот ја има корисникот, а не обратно. Ова е важна придобивка. Во изиминативе 10 - 12 години во Р. Македонија, Слободен софтвер Македонија е организацијата која што во континуитет се занимава за прашањата на слободен софтвер.

Од почетокот се обидувавме да ги следиме сите важни теми во светски рамки и истовремено да придонесуваме за развојот на локалните ресурси. 2с.мк беше единствената опозиција на ексклузивната соработка на нашата Влада со корпорацијата Мајкрософт, домашната куќа за локализација на слободен софтвер на македонски јазик, главната поддршка за имплементацијата на проектот за тестирање на OLPC и проморот на идеите за слободна култура артикулирани пред сѐ преку Creative Commons лиценците. Пишувавме упатства за користење на безбедна комуникација на интернет, проектиравме видеа и зборувавме за „слобода во облакот“, го основавме хаклабот КИКА во Скопје, ја промовираме хакерската култура и етика, пишувавме за FinFisher и надзорот на електронските комуникации во Македонија.

Деновиве тивко, секој пред својот монитор, ја одбележуваме 30 годишнината од почетокот на проектот GNU. Лесно можете да се приклучите и кон прославата, и кон заедницата на корисници на слоден софтвер. За почетокот можете да ги следите советите од GNU објавени по повод годишницата.

Ако Ви е важна слободата, тогаш нема причина да не се придружите. Како што вели Столман: „Животот без слобода е угнетување, и тоа важи за работата на компјутер исто како што важи за сите други активности во нашиот живот“.

(Текстот е објавен на НоваТВ: )

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.