Што се случуваше на денот на слободниот софтвер 2007 во Скопје #2

Тони Костов пишува: Еве како изгледаше SFD2007 од моја гледна точка :)

Како што бевме договорени, точно во 10 часот пристигнав пред Точка. Новица ме дочека со веста дека Fedora дисковите најверојатно не бутираат. Расположението веднаш ми падна на 10%. А, толку еуфорично ми почна денот, посебно поради тоа што заедницата се успеа ова да го изорганизира најпрофесионално – имаше одлично дизајниран постер, одлично дизајнирана опаковка за дисковите, солидна медиумска покриеност... Сепак, како да останевме без најбитниот момент, без дисковите со слободен софтвер кои ветивме дека ќе ги разделиме.

Точка
Добредојдовте во Точка

Постер
За жал од Fedora-та само постер

Набргу се појави и Чомбе, а после него почнаа да се собираат и останатите... Решивме да ги провериме дисковите уште еднаш пред да почнеме да ги раздаваме, но – само уште еднаш се потврди фактот дека дисковите не бутираат.

Не помина долго пред да прејдеме на план Б. Со оглед на тоа што технички бевме опремени со неколку лаптопи со снимачи на нив, Новица и Дамјан набавија празни дискови. На располагање имавме Ubuntu 7.04, кое веднаш почнавме да го умножуваме, а подоцна Боби донесе и два имиџа со Fedora.

Самопослужување
Дискови со слободен софтвер за посетителите

Од самиот почеток почнаа да доаѓаат луѓе кои се интересираа за Linux и воопшто, слободен софтвер. Преку директен контакт со нив, се обидовме да им одговориме на сите нивни прашања. Компјутерот на Зоки беше цело време на располагање на сите оние кои беа заинтересирани да пробаат да работат под Linux.

Прв впечаток
PC-то на Зоки во акција

Прашањата најчесто се однесуваа на користење на Linux во домашни услови, но имаше и такви кои се интересираа за тоа како можат да го користат Linux-от на работа. Особено би сакал да го истакнам моментот кога еден дечко, студент на информатика, се заинтересира како може да помогне во превод на KDE, при што со Боби разменија контакт информации.

Особено интересен разговор имаа Боби и Владо со еден повозрасен посетител кој се претстави како судија во Врховниот суд. Интересен беше неговиот став за криминалното користење на слободниот софтвер :))). Боби и Владо може да го прераскажат некој хајлајт од разговорот со судијата.

Секој посетител доби CD со некоја од дистрибуциите кои ги имавме на располагање, но и флаер за SFD 2007 на чија задна страна ја пишуваше веб адресата на Слободен софтвер.

Во попладневните часови бројот на посетители опадна, по што одлучивме да се напиеме по едно пиво. Со педесетина посетители во текот на целиот ден и убава дружба, би рекол дека организацијата на Денот на слободниот софтвер во Точка помина одлично.

Тони
По едно пиво :)

Јован Костовски пишува: На ова можеш да додадеш дека покрај режењето дискови исталиравме линукс на 2-3 машини.

Хакерски „харем“
Главниот инсталатор Божидар инсталира Федора за Ана (десно).

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.