Предавање и работилници за проектот Мозила


Отворена покана за сите заинтересирани дека на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, на ден 15.04.2009 (среда) од 18 до 22 часот, во амфитеатарот на Факултетот, ќе имаат можност подобро да се запознаат со проектот Мозила, на настан организиран од „Слободен софтвер Македонија“. На тој начин заинтересираните ќе имаат можност да ги продлабочат своите знаења од областа на употреба на Интернет технологиите и Интернет програмирањето.

Предавањата ќе ги водат: Сони Пирс (Sony PIERS), Арзел Јунзи (Arzhel YOUNSI) и Грег Костенобл (Grйgoire COUSTENOBLE), сите од Франција, истакнати придонесувачи на Мозила проектот. Целта е да компјутерските корисници во Македонија добијат шанса одблизу да се запознаат со проектот Мозила и оние кои го работат да видат каде и како можат да ги употребат неговите производи со цел подобро да си ги завршат своите задачи.

Во склоп на настанот предвидено е да се одржат две предавања/работилници:

  • Техничко предавање: Firefox за веб програмери, отворени веб стандарди, прелистувач што е напишан според стандардите , HTML 5, новата структура за обработка на JavaScript, нови CSS можности;
  • Предавање за крајните корисници: како да се користи web 2.0 во Firefox, демонстрација на отворени веб стандарди, интересни додатоци и можности.



Слободен софтвер Македонија е здружение на граѓани во Република Македонија формиранo од, претежно, млади луѓе кои секојдневно користат слободен софтвер во својата домашна и професионална работа. Како организација работи на промовирање на слободниот софтвер во Република Македонија.

Фондацијата Мозила e непрофитна организација која постои за да обезбеди водство и поддршка на Мозила проектот за слободен софтвер. Таа ги одредува насоките и стандардите при развојот на производите од проектот Мозила. Најзначајните производи од овој проект се: интернет прелистувачот Mozilla Firefox, клиентот за електронска пошта Mozilla Thunderbird и во поново време интернет прелистувачот за мобилни уреди Mozilla Fenec.

Tурата по европските Mозила заедници e замислена како три неделно патување на неколку членови на тимот на Мозила во различни држави од Источна европа и Балканот во кои интернет прелистувачот Mozilla Firefox се користи на повеќе од 50% од компјутерите. Идејата на патувањето е да се промовира Мозила, нејзината мисија да промовира отворени веб стандарди и да се сретнат локалните заедници кои го помагаат развојот на Firefox и останатите Мозила производи.

Турата можете да видите како напредува на следниов линк, на блогот на мозила. Гостите од Мозила на нивната турнеја би требало прво да ја посетат Струмица, повеќе информации очекуваме од нашите пријатели од Струмица, а ќе ги објавиме на нашиот блог.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.